ЦУК

Обилните врнежи предизвикаа поплави низ земјата, евакуирани околу 100 лица во Кичево

08.01.2026 10:48

Центарот за управување со кризи информира дека обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјата во текот на ноќта предизвикаа поплави, излевање на реки и потешкотии во сообраќајот...

Обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјава предизвикаа поплави и излевање на реки во повеќе региони, покажува состојбата до 9 часот утринава, информираат од Центарот за управување со кризи.

Во тетовско-гостиварскиот регион, локалниот пат меѓу селата Форино и Тумчевиште е тешко прооден, а излеани се Лакавичка река во село Мало Турчане и Сушечка река во село Горна Бањица. Надлежните служби ја следат состојбата на терен.

Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации, а реката Далјан излеа од коритото и поплави голем број куќи. Службите за итна помош се на терен.

Во Кичево, на улицата „Прилепска“, поплавени се повеќе станбени објекти, поради што се евакуирани околу 100 лица. Тие се сместени во спортската сала „Христо Узунов“ и им е обезбедена основна помош.

Поплави и излевања се евидентирани и во битолско-преспанскиот регион, каде е зголемен водостојот на реките и се поплавени куќи и дворови. Кризниот штаб на Општина Битола утринава одржува состанок за координација на понатамошните активности.