Охрид

Поплавени домови и улици по поројните дождови во Охрид

08.01.2026 14:06

Поројните дождови го нарушија божикниот мир во Охрид – поплавени куќи, подруми и дворови, непроодни улици и заглавени автомобили под вода. Наместо празнична трпеза, дел од охриѓани ноќта ја поминаа будни, борејќи се со надојдените реки и канали, додека надлежните служби се на терен...

Поплавени куќи, подруми и дворови. Непроодни улици, блокирани патишта, заглавени автомобили под вода. Ваква е сликата од синоќа во Охрид. Излеаните реки и каналите, под притисок на поројните врнежи, донесоа немир за Божик.

Наместо покрај празничната трпеза, голем број охриѓани ноќта ја поминаа будни, со лопати, вреќи и импровизирани брани, обидувајќи се да ја задржат надојдената вода и да го спасат – својот дом и покуќнината.

Кризниот штаб на итен состанок, се преземаат мерки за справување со поплавите.

„Реагираме согласно состојбата на терен. Во текот на ноќта наврна огромно количество дожд – околу 60 литри на метар квадратен, што претставува сериозен предизвик во наредните 24 часа. Најголем проблем, без исклучок, создава Коселска Река, како и водата што доаѓа од Дебелополе преку каналите“, вели охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков.

Екипите на јавните претпријатија интервенираа на терен со испумпување на водата, се расчистуваат свлечишта и одрони.

„Останатите јавни претпријатија и дел од Кризиниот штаб се распоредени од Билјанини Извори до Љубаништа, каде што има одрони и наноси од големите количини дожд, со цел тие да бидат расчистени. Дополнителен проблем има и кај булеварот на потегот кај населбата „Рача“, на патниот правец кон Охрид, каде што има сериозно поплавување“, додава Пецаков.

Надлежните служби апелираат на внимателно движење и следење на состојбата на терен, особено во подрачјата склони кон поплави и одрони.

Соња Рилковска