Кошта најавува напредок за проширувањето на ЕУ
Кипар се обврза дека за своето претседателство нема да ја запостави евроинтеграцијата на Западниот Балкан, иако приоритет е пристапувањето на Украина. Претседавачот на Европскиот совет Кошта, најави дека Црна Гора ќе ги заврши преговорите за време на кипарското претседателство, а Унијата ќе направи компромис да не се кочи приклучувањето на кандидатите од страна на членки на Унијата…
Проширувањето кон Украина, Молдавија и Западниот Балкан е важно во првите месеци од 2026-та година, истакна претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта при преземањето на претседателството од страна на Кипар во Никозија. Според него, Унијата мора да работи на поддршка на реформите во земјите-кандидати и внатрешна подготвеност за нови членки.
„Следното проширување со Украина, Молдавија и Западниот Балкан е клучно за зацврстување на Унијата како геополитички играч. Да се направи проширувањето реалност, мора да дејствуваме на два фронта истовремено. Прво мора да продолжиме со реформите во земјите-кандидати. Второ, ЕУ мора самата да се подготви за прифати нови членки“, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Кошта нагласи дека за време на кипарското претседателство ќе се работи на консензус и компромис во Унијата за да не се кочи пристапувањето на нови членки, особено на Украина, на чие пристапување се противи Унгарија.
„2026-та година е важна и за пристапувањето на Молдавија и на партнерите од Западниот Балкан. На пример за Црна Гора во следните 12 месеци може да го види завршувањето на пристапните преговори и се надеваме дека многу брзо може да почне драфт-договорот за нивно приклучување за време на претседателството на Кипар“, нагласи Кошта.
За земјите од Западниот Балкан, кипарското претседателство претставува можност за обновен фокус на нивните евроинтегративни патишта.
Ирина Гелевска
