свет

Трамп не се откажува од идејата за преземање на Гренланд

08.01.2026 14:39

Гренланд е клучен за американската национална безбедност, неколкупати повторената изјава на американскиот претседател Трамп ги бранува трансатлантските релации меѓу Вашингтон и Копенгхаген, но и со Брисел и исто така и со НАТО. Шефот на Белата куќа не се откажува од идејата за преземање на островот, автономна област на Данска. Данската влада е решително против, челниците на европската унија оценуваат дека НАТО ќе престане постои поради внатрешниот конфликт за островот со површина од над два милиони квадратни километри во којшто живеат 60-на илјади жители...

Белата куќа го зголеми притисокот врз Данска во последните неколку дена, постојано истакнувајќи дека САД треба да го преземат Гренланд. Потпретседателот Венс потврди-Трамп е подготвен да оди „онолку колку што е потребно“ за да ги одбрани американските интересите во врска со Гренланд. Не е исклучена можноста за употреба на воена сила.

„Претседателот на крајот ќе ја донесе конечната одлука, но имаше многу реакции од Европа, а таа не успеа да се соочи со суштинскиот аргумент што го изнесоа претседателот и целата администрација. Гренланд е клучен не само за нашата национална безбедност, туку и за безбедноста на светот. Луѓето не го разбираат тоа. Целата инфраструктура за ракетна одбрана делумно зависи од Гренланд. Ако, не дај Боже, Русите или Кинезите-не велам дека ќе го направат тоа-но доколку во иднина некој лансира нуклеарна ракета кон нашиот континент, или лансира нуклеарна ракета кон Европа, Гренланд е клучен дел од таа ракетна одбрана. Трамп е подготвен да оди онолку што е потребно за да ги брани интересите на Америка“, изјави Џеј ди Венс, потпретседател на САД.

Градоначалничката на Нук, главниот град, ја отфрли идејата дека Гренланд е „предмет што може да се купи“. Во интервју за „CBC news“, ја потенцира вознемиреноста што ја чувствуваат луѓето во Гренланд по првата посета на Трамп на островот.

„Ние продолжуваме со нашиот секојдневен живот, но, ова доведе до одредено чувство на вознемиреност. Нè врати на она што се случи минатата година. Ние веќе го кажавме нашето мислење. Ја одржавме најголемата демонстрација во историјата на Гренланд минатата пролет, каде што силно ги отфрливме Американците и тоа сè уште е ставот на нашите граѓани. Затоа сметаме дека е многу навредливо повторно да бидеме вовлечени во ова. Нашиот свет воопшто не е ист откако авионот на Трамп за првпат слета во Нук“, изјави Аварак Олсен, градоначалничка на Нук.

„Ние не сме бизнис, ние сме народ со своја земја, култура, јазик. Знам дека Доналд Трамп е бизнисмен, но Гренланд не е производ“, изјави Ниви Росинг, пратеничка од Гренланд.

Лидерите на европски земји се спротивставија на најавите и заканите на Трамп за освојување на арктичка територија која е автономен дел од кралството Данска. Аналитичари сметаат дека заканите на Трамп за Гренланд можат да бидат во корист на Русија и на Кина.

Катерина Бојаџиева