Најавената лидерска средба во неизвесност
Филипче одби да присуствува на најавената лидерската средба, вели техничката влада мора да остане. Премиерот Мицкоски му одговори - СДСМ покажува незрелост и тонење во опозициското политичко мочуриште...

Остро и на прва Филипче одби да присуствува на лидерската средба, која ја најави премиерот Мицкоски. Со криминалци кои се обидуваат да узурпираат сè и да се спасат себе си, нема седнување на маса за техничката влада, има само одговорност – вели првиот социјалдемократ, со тврдење дека техничката влада мора да остане, иако претходно и неговата партија бараше укинување.
Изборите не ни се приоритет – реплицира Мицкоски, додавајќи дека СДСМ со постапките покажува незрелост и тонење во опозициското политичко мочуриште. Законот за влада можеме и сами да го смениме, но сакавме инклузивност и разговор и за реформските закони – нагласува шефот на владата.
Лидерската средба се планира за следната среда. Парламентарните партии ја очекуваат поканата, по што ќе заземат став за средбата. Покрај укинувањето на техничката влада, приоритетни и за разговор се низа закони од правосудството, кои се во делот на реформите.
И додека Филипче најавува брифинг за овие закони, Мицкоски вели 2026-та ќе биде година на реформи со јасен план, а граѓаните и бизнисот не треба да се грижат.
Миле А.Ристески
