Излевања и поплави низ повеќе региони, најкритично во Кочанско, Охридско и Кичевско
Поради обилните врнежи од дожд, зголемени се водостоите на реките низ државата, а на повеќе локации се регистрирани излевања, поплави и оштетувања на патната инфраструктура. Надлежните служби се на терен и интервенираат со механизација.

Обилните врнежи од дожд што ја зафатија државата предизвикаа зголемување на водостоите на реките и каналите, со локални излевања и поплави во повеќе региони, информираат од Центарот за управување со кризи за состојбата до утринските часови.
Во источниот регион, во Општина Кочани е забележан значително зголемен водостој на реките и одводните канали во полскиот дел. Кочанска река има локално излевање кај селото Горни Подлог, каде интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Зрновска река се излеала пред вливот во Брегалница, додека Оризарска река се излеала кај селото Грдовци, каде состојбата е најкритична. Поплавени се неколку подрумски простории на куќи, а МВР го забрани сообраќајот за моторни возила на северниот влез во селото. Водостопанство „Брегалница“ интервенира со тешка механизација.
Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но засега нема излевање. Надлежните информираат дека водостоите во горните текови се стабилизираат и опаѓаат, додека во средните и долните текови состојбата останува критична. На патот Македонска Каменица – рудник САСА, поради одрон, сообраќајот се одвива по една лента, а во Пробиштип, поради излевање на реката Киселица, сообраќајот е отежнат на патот меѓу селата Неокази и Петришино.
Во Скопскиот регион, засега нема нарушување на редовната состојба поврзано со врнежите.
Во југозападниот регион, најсериозна е состојбата во Охрид, каде е поплавена населбата Далјан поради излевање на реката Далја. Одржан е состанок на Кризниот штаб, а сите човечки и материјални ресурси се ставени на располагање. Екипи со тешка механизација ја пренасочуваат водата кон Охридското Езеро, а со пумпи се врши испумпување од подруми, дворови и деловни простории. Преку бројот 112 се примени поголем број пријави од граѓаните.
Проблеми се евидентирани и на Коселска река кај селото Ливоишта, каде надојдената вода го подјадува патот кај мостот кон селото Вапила. Во Кичево, иако водостоите се намалуваат, состојбата на одредени локации сè уште е критична. Околу 120 лица од улицата „Прилепска“ остануваат евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“, а увид на оштетените објекти ќе се врши во текот на утрешниот ден.
Во Пелагонискиот регион, во Битолско состојбата е нормализирана, освен во населбата Стрчин, каде има наноси од земја и чакал. Во селата Кравари, Жабени и Породин поплавени се земјоделски површини, но нема опасност по станбените објекти. Слична е состојбата и во Ресен, каде се поплавени земјоделски површини и дворови, а водостоите постепено се намалуваат. Во Крушево и Демир Хисар регистрирани се локални излевања на реките Црна и Обедничица, со оштетувања на дел од патната инфраструктура.
Во северниот и североисточниот регион засега нема излевање на реките, но се евидентирани подмрзнати коловози на одделни патни правци. Во Полошкиот регион, во Тетовско се пријавени свлечишта на локални патишта кон селото Ѓермо и месноста Бањиче, како и уривање на потпорен ѕид во Мала Речица. Во општина Желино, пријавено е излевање на реката Вардар во селото Стримница.
Надлежните институции и јавните претпријатија се на терен и апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките и да пријавуваат опасности преку бројот 112.
