Божиновска: 2025 година донесе ред, стабилност и развој во енергетиката
Министерството за енергетика оценува дека 2025 година била обележана со реформи, зголемена транспарентност и значајни инвестиции во енергетскиот сектор.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оцени дека 2025 година била година на ред, стабилност, развој и целосна транспарентност во енергетиката. Како што соопшти Министерството, во текот на годината биле реализирани над 250 соопштенија до медиумите и повеќе од 700 работни средби со домашни и меѓународни партнери.
Првпат бил усвоен Годишен план за изградба на енергетски капацитети, кој опфаќа 481 објект со вкупна моќност од 1.265 мегавати, главно од обновливи извори. Исплатени се субвенции за фотоволтаици, ранливи потрошувачи и инвертер-клими, а донесени се и законски измени за енергетска ефикасност.
Министерството бележи и рекордна наплата од 931 милион денари концесиски надоместоци, како и напредок во исполнувањето на обврските кон Енергетската заедница. Во фокус биле и гасните интерконектори со Грција и Србија, како и повторното активирање на нафтоводот Солун–Скопје.
„Поставивме цврсти основи за долгорочен развој, со фокус на транспарентност, одговорно управување и енергетска безбедност“, порача министерката Божиновска.
