Кочани

Поплави во кочанските села Горни Подлог и Грдовци

09.01.2026 13:01

Зголемен е водостојот на реките и каналите во полскиот дел во Општина Кочани. Кочанска река се излеа кај село Горни Подлог, а Оризарска река кај село Грдовци, каде има поплавено неколку објекти. За сега состојбата е под контрола.

Јавните комунални претпријатија во Кочани, Водостопанство „Брегалница“ и месното население со заеднички напори ги ставија под контрола надојдените води на Кочанска и Оризарска река.

Градоначалникот на Кочани вели дека дел од каналите и речните корита биле претходно исчистени. Расчистени се и одроните свлечиштата на патот меѓу селата Бели и Нивичани и кон брана Градче.

Реките од Брегалничкиот слив и понатаму се со зголемен водостој, но се со тенденција на опаѓање. Кај село Грдовци имаше прекин на сообраќајот, но истиот е повторно воспоставен и досега нема пријавени штети.

 

Славица Величковска