Фудбал – Квалификации за ЕП 2016

Очекуваниот пораз, зачинет со шпанска петарда!

09.09.2014 00:04

Преимресионираноста на почетокот на натпреварот во Валенсија, ги чинеше македонските фудбалери трет пораз во историјата од 5:1...

И покрај скриените надежи, поразот на Македонија против актуелниот првак Шпанија, вероојатно беше однапред вкалкулиран. Нашата фудбалска репрезентација стартуваше со пораз и тоа убедлив од 5:1 во 11-от циклус, шести за Европските првенства, овојпат за шампионат којшто во 2016-та ќе се одржи во Франција.

Преимресионираноста на почетокот на натпреварот во Валенсија, ги чинеше македонските фудбалери трет пораз во историјата од 5:1. Црвената фурија за две минути, во 16-та и во 17-та минута веќе имаше 2:0, откако Мојсов влезе во контакт со Силва, а пеналот го реализираше Рамос. Веднаш потоа, Алкасер го постигна дебитанскиот гол за Шпанија.

Откако се ослободи од притисокот, Македонија организираше акција за удар од белата точка. Хуанфран го фаулираше Јаховиќ, а Ибраими седмипат се запиша во листата на стрелците во репрезентативниот дрес. Секунди откако истекоа двете планирани дополнителни минути во првото полувреме, и Бускетс првпат во седумдесетиот натпревар се радуваше на репрезентативен гол со којшто зголеми на 3:1.

Силва во 50-та беше прецизен за 4:1, а Педро во 91-та минута го постави конечниот резултат 5:1.

Во второ коло од Групата Ц, Македонија на 9 октомври во Скопје ќе игра против Луксембург кој дома ремизираше со Белорусија, 1:1. Поведоа домаќините со погодокот на Герсон, израмни Драхун.

Во нашата конкуренција, Словачка оствари важен гостинки триумф и тоа против Украина со 1:0 со голот на Мак.

Во Групата Е, Англија победи кај Швајцарија со 2:0, благодарение на двојниот стрелец Велбек. Естонија славеше против Словенија со 1:0 со голот на Пурје, откако Стевановиќ заработи два жолти картона. Очекувано, Литванија на гости беше подобра од Сан Марино со 2:0. Погодоците во првото полувреме ги постигнаа Матулевичиус и Новиковас.

Во конкуренцијата Г, Русија беше убедлива против Лихтенштај со 4:0. На автоголовите на Бихел и на Бургмаер се надоврзаа Комбаров од пенал и Џјуба. Австрија и Шведска одиграа 1:1. Стрелец за домаќините од 11 метри беше Алаба, за гостите Зенгин. Црна Гора со погодоците на Вучиниќ и на Томашевиќ во Подгорица ја победи Молдавија со 2:0.