Масовни протести во Иран, запалени државни згради
Ескалираа антивладините протести во Иран. Десетици лица загинаа, стотици се повредени во судирите меѓу демонстрантите и полициските сили. Расте и гневот поради економските превирања и безбедносните мерки...

Ескалираа демонстрациите во Иран. Прекин на интернетот низ целата земја, додека масовните антивладини протести се ширеа од Техеран и во другите градови. Запалени неколку државни згради. Најмалку 45 демонстранти, меѓу кои и осум малолетници, се убиени досега во немирите, уапсени се над 2.000 лица. Демонстрантите извикуваа слогани против владејачкиот режим. Расте и гневот поради економските превирања и безбедносните мерки. Граѓаните повикуваат да се слушнат нивните барања да се најдат решенија и за економските проблеми во земјата.
„Протестирам против високите трошоци за живот. Овој протест против зголемувањето на цените има за цел да ги натера властите да направат нешто за народот од Иран, да се справат со ситуацијата и да го направат животот подостапен. Не сакам да живееме под економски притисок“, изјави демонстрантка.
Јавниот гнев се изразува не само на улиците, туку и на пазарите. Трговците велат дека се борат со намалувањето на куповната моќ.
„Погледнете го овој пазар – ниедна од продавниците нема купувачи. Зошто? Затоа што луѓето немаат пари. Како може некој да купи нешто сега? Се срамам пред сопругата и децата. Едвај преживуваме“, изјави трговец.
Демонстрациите дополнително беа поттикнати од повикот на протераниот престолонаследник Пахлави до граѓаните, масовно да излезат на улиците. Протестите продолжуваат и вечер.
„Од клучно значење овие демонстрации да останат дисциплинирани и да бидат што е можно помасовни. Врз основа на вашиот одговор, ќе ги објавам следните повици за акција“, изјави Реза Пахлави, протеран ирански престолонаследник.
Ајатолахот Хамнеи рече дека протестите нема да го урнат Иран и ги обвини сад за обид за дестабилизација на земјата.
„Секој треба да знае дека исламската република дојде на власт со крвта на стотици илјади чесни луѓе и дека нема да попушти пред саботерите. Луѓето во Техеран и на други места направија штета на нивните згради, ги уништија нивните улици за да го направат Трамп среќен, кој им вети дека ќе им помогне“, изјави Ајатолах Али Хамнеи, врховен лидер на Иран.
Американскиот претседател Трамп изрази подготвеност да употреби воена сила во случај на насилно задушување на протестите.
Катерина Бојаџиева
