Македонија

Сериозни штети по поплавите во охридскиот и струшкиот регион

09.01.2026 17:48

Два дена и две ноќи, жители на неколку охридски населби будни се бореа со водената стихија. Надојдената вода, висока и над еден метар, поплави куќи, дворови и подруми, уништувајќи покуќнина. По поплавите, состојбата постепено се стабилизира, а екипите сè уште се на терен...

Седумдесет и тригодишната Тодорка Јанковска вели дека не памети ваков Божиќ. Два дена и две ноќи, заедно со соседите, будни се бореле со водената стихија. Со вреќи песок и пумпи се обидувале да ја запрат надојдената вода, која достигнала висина над еден метар.

Водата целосно ги поплавила домовите, уништувајќи сè што со години граделе. Вели дека штетите се огромни, дел од постарите жители биле евакуирани, а постоела и опасност од електрична експлозија.

„Толку силна вода имаше, ова не се памети. Сме имале повеќепати помали поплави, но вакво нешто – не. Масата не се гледаше, сè беше под вода. Останавме будни и цел ден бевме надвор – снаата, јас и сите соседи. Ова е нешто незапамтливо, верувајте“, вели Тодорка Јанковска, жителка на Охрид.

„Ламинатот е целосно кренат, душеци – хаос е. Старата сама излезе, водата беше до половина. Стариот беше болен, дојдоа двајца-тројца и го кренавме. Имаше опасност и од струја – ги исклучив осигурувачите, па дојдоа и од дистрибуција, овде не се влегуваше“, вели Еркан Бавто, погоден жител.

„Над еден метар и дваесет беше водата. Куќата е поплавена – паркети, троседи, двоседи. Сношти бевме тука до полноќ. Ужасно. Во моите години не се памети вакво невреме во Охрид“, рече Беџо Бајрам, жител на Охрид.

По силните поплави, состојбата полека се стабилизира. Градоначалникот најави обештетување на погодените граѓани.

„Најбитно е да го санираме проблемот со поплавите. Потоа, граѓаните ќе имаат можност да бидат обесштетени за штетите настанати од поплавите, врз основа на утврдената состојба на терен“, вели градоначалникот Кирил Пецаков.

До доцна синоќа се расчистуваше коритото на реката Далјан, а денеска продолжува испумпувањето на водата од поплавените куќи на улицата „Железничка“, како и расчистувањето на патниот правец кон Свети Наум.

Соња Рилковска