Македонија

Предложени нови членови на Судскиот совет

09.01.2026 16:12

Сузана Јошевска-Анастасовска и Арлинда Кадри-Шахиновиќ се предлозите на претседателката Сиљановска-Давкова за членови на Судскиот совет. Ова се двете имиња кои ги чекаше Собранието од Вила Водно за комплетирање на Советот. Сега на потег е парламентот кој се очекува од понеделник да одлучи дали ќе ги прифати...

Од Кабинетот на претседателката за МТВ потврдија професорката Арлинда Кадри- Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска- Анастасовска се предлозите на Сиљановска- Давкова за членови на Судскиот совет.

Кадри- Шахиновиќ е поранешен член на Комисијата за помилување. Професорската кариера ја градела на Факултетот за правни и политички науки на ФОН, како и на приватниот МИТ Универзитет.

Сузана Јошевска- Анастасовска има долгогодишно искуство во адвокатурата и е добропозната по кривичните предмети.

Шефицата на државата пред новогодишните празници истакна дека ќе почека Собранието да ги усвои законските измени, па дури тогаш ќе ги даде своите предлози.

На 29-ти декември, Собранието го донесе Законот за Судски совет.

Клучни новини со Законот: јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“ и воведување јавна расправа при избор на кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност.

Се очекува од понеделник предлозите на претседателката да влезат во собраниска процедура.

 

Марина Стојанова-Тонева