Пријави за неисплатен регрес за годишен одмор
Новата година почна, почнаа да стасуваат и пријави до Инспекторатот за труд. Дел од работодавачите не исплатиле регрес за годишен одмор. Според податоците на УЈП, лани, исплатената сума за к-15 била поголема, но бројот на работодавачи кои дале к-15 и на работници кои парите ги добиле на сметка, бил помал.

Во 2025-та бил исплатен регрес за годишен одмор во вредност од околу девет милијарди 212 милиони денари. Завршил на сметката на над 455 илјади 680 работници . Но сепак дел од вработените на кои им следува не добиле пари. Се обратиле во трудовиот инспекторат, оттаму за МТВ велат се постапува по пријавите, работодавачите добиваат опомени, ако не ја завршат обврската им се заканува казна.
Ако се споредат податоците со претходната 2024 година, достапни преку УЈП, може да се констатира дека лани сумата исплатена за к-15 била поголема за некаде 735 милиони денари, но бројот на работодавачи кои исплатиле бил помал за 176, исто и бројот на вработени кои добиле пари на сметка.
Оваа година, минималниот износ на к-15 изнесува 18.141 денари или околу 295 евра за вработените во приватниот сектор, во јавниот сектор е утврден износ од 12.372 денари или околу 200 евра.
Регресот за годишен одмор изнесува најмалку 40 проценти, а најмногу 100 насто од просечната месечна нето-плата. Помала сума може да се исплати само доколку претходно ценејќи ја економско-финансиската состојба се договориле работодавачот и синдикатот.
Во 2024-тата биле поднесени само 22 пријави од работници кои не ја добиле сумата, најчесто во текстилната индустрија, која традиционално е најпогодена од неправилности во исплатата на надоместоците.
Ана Јосифоска
