Политика

Филипче: Техничката влада мора да остане - ако распишат избори ќе учествуваме

09.01.2026 17:29

Филипче не се откажува од техничката влада - ако распишат избори ќе учествуваме, но техничката влада мора да остане. Филипче не оди на лидерската кај Мицкоски. ВМРО-ДПМНЕ реагира – одбива подадена рака за градење национален консензус…

Техничката влада е последната линија на одбрана на слободната волја на граѓаните на избори, затоа Филипче е против нејзиното укинување. Вели, ако се распишат избори, тие ќе учествуваат зашто не бегаат од изборно соочување. За реформските закони тврди дека се прават модификувано, наместо целосно да се почитуваат препораките од оценката комисија. Сепак, ќе даде поддршка на овие закони. Власта, смета Филипче, става целосна контрола врз Обвинителството и врши притисок врз Судскиот совет, а за спорот со Бугарија тврди дека Владата прави проблем и кога го нема, преку националистичка реторика.

За првиот социјалдемократ, проблематични се и 65.000 камери од „Сејф сити“, преку нив можело да се следи движењето на опозицијата.

Венко Филипче покажа дека сè добро во и за државата, му смета. Му сметаат реформите во правосудството, во безбедноста, слободата на изразување како и напредокот на државата – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Венко Филипче не одбива само лидерска средба, Филипче одбива дијалог и подадена рака за градење политички консензус за државните интереси. Иако од уста не ја вадат европската интеграција на Македонија, уште еднаш покажаа дека нив тоа не ги интересира, дека тоа им е пропаганда за гола политика. Тема на лидерската средба, на која Филипче одбива да биде дел, ќе се разговара за реформските закони кои се дел од реформската агенда за еу која има за цел унапредување на економскиот раст и стабилноста на државата“, велат од партијата.

И додека Филипче вели техничката влада може да се укине кога ќе станеме зрело општество, во ВМРО-ДПМНЕ велат, време е Филипче да се надмине себеси, затоа што државата има потреба од одговорни и сериозни политичари.

Миле А. Ристески