Тетово

Надлежните ги санираат штетите од поплавите

09.01.2026 18:05

Излеани реки, свлечишта кои блокираат патни правци, дури паднат и потпорен ѕид. Надлежните ги санираат штетите од поплавите кои ја зафатија земјава. Онаму каде патиштата се непроодни се пробиваат со механизација …

Во Желино, се излеа Вардар. Над селото Стримница речното корито е претесно за да ја прифати надојдената вода. Преку земјоделските површини влезе во дворовите и подрумските простории на 20-тина куќи. Жителите алармираат дека ова е честа слика при изобилни врнежи, бараат надлежните навреме да го чистат речното корито од паднати дрвја.

„Има околу 20 куќи блокирани. Сабајле и овој дел беше Вардар, сега нивото е малку паднато и може да се помине. Проблемот е од 2004-та година, на неколку години се излева водата. Треба да се чисти со багери, да се прошири речното корито“, вели жител на село Стримница.

Одрони и лизгање на земјиштето блокираше неколку локални патишта во тетовско. Багери го расчистуваат патот кон месноста Бањиче. Полицијата го обезбедува местото, од безбедносни причини сообраќајот е забранет. Тука тетовци се рекреираат, има викенд-куќи и угостителски објекти.

Надлежните апелираат, граѓаните да не го користат патот што води до месноста Бањиче, поради најавите од нови врнежи од дожд и кои го зголемуваат ризикот од појава на нови свлечишта.

Освен свлечиштето во Бањиште кое сè уште е активно, дождот предизвика одрони и на локалниот пат кон селото Ѓермо, делумно проодно е и кон Бродец.

„Активни свлечишта имаме во село Бродец каде патот беше блокиран, но едниот дел од патот веќе е ослободен и сè уште има механизација за расчистување. Во село Ѓермо имаше големо свлечиште, но и таму веќе е отворен патот. Има најава за врнежи од дожд“, изјави Арлинда Мухареми – ЦУК.

Во центарот за управување со кризи, пријавено е уривање на потпорен ѕид во Мала Речица. Предизвикана е материјална штета.

Андријана Ѓурческа