Утре повторно гласање во четири општини
Предизборен молк пред утрешното гласање на повторените избори за градоначалник во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуше и Центар Жупа. Денеска гласаат болните и изнемоштените и лицата во затвор или во притвор. Во четирите општини има вкупно седум кандидати …

Изборен молк во Македонија пред утрешните повторени избори за градоначалник на Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа. Во четирите општини пријавени се вкупно седуммина кандидати, а од нив, во центар жупа има само еден.
Денеска пак, со право на глас се вкупно 249 болни и немоќни лица, како и 94 лица кои се на издржување на казна затвор или притвор. Гласањето почна во 7 часот изутрина и се одвива непречено и без проблеми, информираа од Државната изборна комисија.
Во Гостивар, пријавени се 146 болни и немоќни лица и 81 лице во затвор или притвор, а право на глас имаат околу 83 000 граѓани. Во Маврово Ростуше регистрирани се 69 болни и двајца во затвор или притвор, а вкупниот број на регистрирани гласачи е околу 10 500 лица. Во Врапчиште има околу 27 000 регистрирани гласачи, од нив, 32 болни и немоќни и 11 мина од затвор или притвор. Во центар жупа, пак, од 7500 граѓани со право на глас, пријавени се само двајца болни и немоќни.
Овој пат, за избор на градоначалник не е потребна излезност од најмалку една третина од вкупниот број регистрирани гласачи. Потребно е само да има повеќе од половината од граѓаните кои ќе излезат да гласаат. Изборите за градоначалник во овие четири општини се повторуваат, поради недоволната излезност во првиот изборен циклус, кој се одржа лани во октомври. До потврдата од државната изборна коалиција на резултатите од гласањето и изборот на градоначалник, со четирите локални самоуправи времено раководат владини повереници.
Марија Котовска
