Иран

Техеран го обвинува Вашингтон за дестабилизација и насилство

10.01.2026 12:04

Втора недела по ред продолжуваат протестите во Иран. Белата куќа внимателно ја следи ситуацијата. Трамп со предупредување, ако почнат да убиваат луѓе како што правеа претходно, САД ќе интервенираат. Техеран испрати писмо до Советот за безбедност, го обвини Вашингтон за дестабилизација и насилство.

Втора недела по ред продолжуваат масовните протести во Иран и покрај заканите на властите дека ќе ги казнат бунтовниците кои бараат крај на Исламската република. Ограничени информации пристигнуваат од земјата поради прекинот на интернет. Светските агенции нотираат за десетици загинати и повредени и над две илјади уапсени. Здравствените установи се преполни со повредени демонстранти.

„Правото на мирен протест, како што е загарантирано во меѓународното право, мора да биде заштитено. Сите смртни случаи треба да бидат брзо, независно и транспарентно истражени. Оние што се одговорни за какви било прекршувања мора да бидат повикани на одговорност во согласност со меѓународните норми и стандарди. Исто така, сме загрижени од извештаите за национално исклучување на интернетот и комуникациите, изјави Џереми Лоренс“, портпарол на Канцеларијата на ООН за човекови права.

Врховниот лидер, Ајатолахот Али Хамнеи директно ги обвини САД за немирите и истакна дека саботери и агитатори уништиле згради во земјата за да му угодат на американскиот претседател … Иранските власти во писмо до Советот за безбедност на ООН велат дека САД ги поттикнале протестите, насилството и вандализмот. Белата куќа внимателно ја следи ситуацијата и ги отфрла обвинувањата за поттикнување протести. Трамп изјави дека Иран е во голема неволја и упати остри предупредувања до властите во Техеран.

„Иран е во голема неволја. Ми се чини дека луѓето преземаат одредени градови за кои никој не мислеше дека е навистина можно пред само неколку недели. Ја следиме ситуацијата многу внимателно. Дадов многу силна изјава дека ако почнат да убиваат луѓе како што правеа во минатото, ние ќе се вмешаме. Ќе ги удираме многу силно таму каде што боли. И тоа не значи војници на земја. Затоа, не сакаме тоа да се случи. Тие направија лоша работа. Тие се однесуваа многу лошо кон својот народ, а сега тој им се одмаздува“, изјави Трамп.

Немирите поттикнати од колапсот на националната валута и сиромаштијата продолжија со барање за промена на режимот. Дел од демонстрантите сметаат дека промената на политичкиот систем е единствениот излез од длабоката криза во која се наоѓа државата. Јавно бараат враќање на синот на прогонетиот шах, Реза Пахлави.

„Единствената разлика помеѓу протестите во Иран и протестите во Либан по падот на валутата на земјата е тоа што САД и Израел официјално го објавија своето учество во протестите. Тие прават се што можат за да ги претворат овие мирни протести во акти на насилство“, рече Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Меѓународните лидери повикуваат на заштита на правото на мирен протест. ЕУ бара ослободување на сите неправедно приведени учесници на протестите.

Маријана Димовска