Грчките земјоделци продолжуваат со блокадите, во вторник средба со Мицотакис
Грчките земјоделци продолжуваат со протестите и блокадите на граничните премини, но само по неколку часа. Во вторник, на средба со премиерот Мицотакис. Од исходот ќе зависи дали блокадите продолжуваат или пак земјоделците ќе се вратат на нивите...

Грчките земјоделци почнаа да ги ублажуваат блокадите на граничните премини додека се подготвуваат за преговори со грчкиот премиер Мицотакис во вторник. По средбата со шефот на владата ќе решат дали ќе ги продолжат блокадите или ќе ги прекинат. Неколкучасовните блокади почнаа поради револт од владините мерки објавени минатата среда кои не се доволна компензација за зголемените трошоци за производство и намалувањето на приходите и неисплатените субвенции од еу.
„Со мнозинство беше одлучено патот да биде отворен, да останеме на блокадата, но сообраќајот да се одвива нормално од 16 часот па натаму. Се подготвуваме за национално собрание во Никаја, за да разговараме за барањата што ќе му ги презентираме на премиерот и да видиме што сè уште можеме да спасиме сега кога се одобрува договорот на еу со земјите од јужна Америка-Меркосур“, изјави Теохарис Зисакис-земјоделец.
По 26-часовна блокада за тешки товарни возила, грчките земјоделци повторно го отворија граничниот премин, кулата „Промахон“.
Ги разбирам, нека протестираат, но без да ни ја попречуваат работата. Нека протестираат во Атина пред парламентот. Ние, возачите, сме тие што најмногу страдавме, заедно со шефовите“, вели Цветан Илиев-возач на камион
„Тука сум од вчера напладне. Температури под нулата, можеш и самиот да видиш, човече – нема каде да се оди во тоалет, нема што да се направи. Веќе еден и пол месец, овие Грци прават што сакаат“, вели Михаил Влахов-возач на камион
Грчките земјоделци засега не ги прекинуваат блокадите. Остануваат на граничните премини, очекувајќи го исходот од преговорите со владата.
Ирина Гелевска
