Сè помалку деца, сè повеќе години - државата старее
Македонија тивко се менува. Сè помалку деца, сè повеќе години. За една деценија се изгубени речиси 200 илјади жители, а денес секој петти граѓанин е постар од 65 години. Како старее државата и што значат бројките што веќе влијаат врз секојдневието?...

Додека секојдневно зборуваме за цени, политики и кризи, една промена тивко се случува во позадина. Македонија старее, и тоа побрзо од европскиот просек.
Во 2024 година, 18 проценти од населението во Македонија е постаро од 65 години, во раните 2010-ти, таа бројка изнесуваше околу 13 проценти. Ова е значителен скок за само една деценија, а според меѓународните податоци, ова е највисокото ниво забележано досега во историјата на земјата.
Во Европската унија, околу 21 процент од населението е постаро од 65 години, Македонија сè уште е под тој просек, но разликата е во брзината.
Истовремено, основата на населението се стеснува, се раѓаат сè помалку деца, а сè повеќе луѓе влегуваат во години во кои државата треба да се грижи за нив.
Само за една година, од 2023 до 2024, бројот на починати го надмина бројот на новородени за речиси четири илјади лица.
Европа старее со децении … Македонија – за многу пократко време … причините се јасни и добро познати.
Пописот од 2021 година покажува дека земјата за една деценија изгубила безмалку 200 илјади жители.
Истовремено, повеќе од 15 илјади млади луѓе ја напуштаат земјата секоја година, што дополнително го забрзува процесот на стареење …
Ова не е изолиран настан … ова е тренд … во некои општини – празни училници … во други – недостиг од работна сила … сè поголем притисок врз здравствениот и пензискиот систем.
Демографијата не е далечна статистика … таа е присутна – во нашите улици, во домовите и во чекалниците. Времето не можеме да го запреме, но можеме да ги читаме податоците и да разбереме дека стареењето не доаѓа утре, туку веќе го менува секојдневието.
Катерина Топалова
