Поројните врнежи предизвикаа поплави и зголемување на водостојот на Охридско Езеро
Наместо снег, јануари донесе обилни дождови. Поројните врнежи што го зафатија регионот предизвикаа поплави и зголемување на водостојот на Охридското Езеро. Надлежните ја следат состојбата, а екипите и понатаму се на терен...

Наместо снег и минусни температури, јануари годинава донесе поројни дождови. Обилните врнежи кои деновиве го зафатија охридско-струшкиот регион предизвикаа излевање на реки, поплави во пониските делови и активирање на одрони на повеќе патни правци.
Експертите посочуваат дека ваквите појави се нетипични за овој период од годината, кога најчесто доминира снежна покривка која постепено се топи и не создава нагли водни бранови.
„Изминативе врнежи во Охридскиот регион, кога наврнаа над 130 литри на м2 за рок од три-четири дена покажуваат една голема нерамномерна распределба на врнежите во месец јануари кога со анализа на податоци од 2015 до 2025 година имаме неколку години кога има екстремни врнежи над 160 литри на м2 додека другите месеци се одликуваат со ниско ниво на врнежи“, вели Ѓоко Зороски - еколог.
Како последица на зголемениот доток од притоките, расте и нивото на Охридското Езеро. Денешната кота изнесува 693,43 сантиметри, девет сантиметри повисока од вчера.
„Ризикот од вакви поројни поплави во зимските и есенските месеци ќе биде поголем во урбаните средини со непропустливи површини. Како што е Охрид каде што имаме голема урбанизација бидејќи ќе резултираат со поголемо слевање и намалено време на концентрација на водите“, додава Зороски.
Во триесетгодишниот просек се намалуваат деновите со снежна покривка и се зголемуваат просечните температури, тоа е резултат на климатските промени. Од општинските служби информираат дека состојбата постепено се стабилизира, а екипите и понатаму се на терен.
Соња Рилковска
