Се подготвува нова стратегија за развој на туризмот
Тим на професори од Факултетот за туризам и угостителство веќе подолг период работат на изработка на стратегија за развој на туризмот во Охрид, за периодот од две илјади дваесет и шеста до две илјади и триесетта година. Целта на документот е да се најдат решенија за клучните проблеми кои го кочат развојот на оваа стопанска гранка...

Изработката на стратегијата е од огромна важност, бидејќи станува збор за дестинација којашто е една од четирите во Европа која е под заштита на УНЕСКО поради богатото природно и културно наследство, вели професорката Катерина Ангелевска Најдеска. Таа посочува дека стратегијата мора да води грижа за одржлив развој на туризмот, а не како досега да се става акцент на масовниот туризам.
„Треба да се постават цели, притоа целите да бидат мерливи, со цел да се најдат соодветни решенија за клучните проблеми со кои се соочува Охрид како туристичка дестинација за развојот на туризмот. Тука влегуваат прекумерната урбанизација, деградацијата на просторот, загадувањето на животната средина, недоволното и несоодветно менаџирање со отпадот, метежот и гужвата во рамките на сезоната“, вели проф. д-р Катерина Ангелевска Најдеска – Факултет за туризам и угостителство Охрид.
Експертскиот тим е во фаза на прибирање на податоци, анализи и консултации со туристичките субјекти, со што стратегијата ќе добие на квалитет.
„Интенција на овој документ е да ги стави постулатите врз чија основа ќе се развива туризмот понатака, но, одржлив. Ќе се развива и ќе ја направи дестинацијата Охрид да биде не само пријатна за туристите, туку да има подобар квалитет за живот на локалното население“, истакна проф. д-р Климент Наумов – Факултет за туризам и угостителство Охрид.
По изработката на стратегијата, експертите очекуваат нивните препораки да се спроведуваат, бидејќи само на тој начин Охрид ќе се најде на светската мапа на современи туристички центри.
Сашо Нелоски
