Продолжува падот на наталитетот
Дури двојно помалку раѓања во споредба со претходната година бележи кумановската болница. Трендот на намалување на наталитетот во државата продолжува. Од установата со најави за подобрување на условите во одделението, но и надминување на проблемот со недостаток на анестезиолози.

Продолжува падот на наталитетот во државата. На овој тренд не е имуна ниту најголемата општина во земјава. Во Куманово лани се родиле 376 бебиња, што е значајно намалување во споредба со претходните години. Во 2024-та имало 688 раѓања, а годината претходно 776. Проблем за гинеколошко-акушерското одделение останува недостигот на анестезиолози. Но и повеќето мајки поради близината одлучуваат да се породуваат во главниот град.
„Се намалува бројот на новороденчиња во цела Македонија, да не кажам и цел Балкан, башка имавме некои проблеми што се трудиме цело време да ги намалиме и со анестезија исто значи не е само Куманово дека има проблем туку имаат 3-4 градови и Балкан, барем за Србија, Косово, Црна Горе и Албанија“, истакна Наиле Османи, гинеколог Општа болница Куманово.
Од установата најавуваат мерки за подобрување на условите на одделот, но и надминување на проблемот со анестезиолози. На конкурсот веќе се јавил еден специјализант, а дополнително на специјализација ќе тргне уште еден млад лекар. Капацитетот на одделението е солиден, и тимот е подготвен да одговори на зголемен број породувања.
Од кумановската болница најавуваат реновирање на одделението, и формирање на апартмани за родилки и новороденчиња. Целта е пациентите да се чувствуваат поудобно.
Кумановската болница е единствено родилиште за североистокот.
Елена Георгиевска
