Продолжуваат протестите во Иран, владата го засили одговорот на немирите
Протестите против режимот во Иран продолжија и покрај извештаите за стотици убиени и ранети од безбедносните сили во последните три дена. Владата го засили одговорот на немирите. Според групите за човекови права повеќе од 2.500 луѓе се уапсени...

Протестите против режимот во Иран продолжија и покрај извештаите за стотици убиени и ранети од безбедносните сили во последните три дена. Владата го засили одговорот на немирите. Според групите за човекови права повеќе од 2.500 луѓе се уапсени. Властите во Техеран предупредија дека ако САД го нападнат Иран, Израел и сите американски воени бази во регионот ќе бидат легитимни цели за напад. Изјавата следува откако шефот на Белата Куќа се закани дека ќе го удри Иран многу силно ако почнат да убиваат луѓе.
„Иран гледа кон СЛОБОДА, можеби како никогаш досега. САД се подготвени да помогна“, објави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Претседателот на иранскиот парламент, истакна дека режимот треба да воспостави безбедност.
„Оваа терористичка војна што ја почнаа предизвика штета на бизнисите на луѓето, на егзистенцијата. Затоа воспоставувањето безбедност е сериозна и фундаментална задача“, изјави Мохамад Багер Калибаф, претседател на парламентот на Иран.
Синот на прогонетиот шах, Реза Пахлави во видеопорака до Вашингтон одново ги повика демонстрантите да продолжат со протестите.
„Знајте дека не сте сами. Вашите сонародници низ целиот свет гордо го извикуваат вашиот глас. Светот денес стои покрај вашата национална револуција и се восхитува на вашата храброст. Особено, претседателот Трамп, како лидер на слободниот свет, внимателно ја набљудува вашата неопислива храброст и изјави дека е подготвен да ви помогне“, порача синот на соборениот ирански шах, Реза Пахлави.
Демонстрациите против раководството во Иран се проширија и во други земји.
„Јас сум тука за иранскиот народ кој сега излегува на улиците во Иран. Сакам и јас да придонесам. Можеби сме далеку, но нашите срца се со Иран“, вели еден демонстрант.
„Јас живеам тука, но целото мое семејство и пријатели живеат во Иран. Тие немаат апсолутно никаква слобода. И немаат пари, инфлацијата е неверојатно висока“, додава друг.
Демонстрантите изразија загриженост за немирите во земјата и за нивните семејства и пријатели со кои е тешко да се контактира поради продолжениот прекин на интернетот.
Маријана Димовска
