Драстично заострување на државната политика кон пушењето цигари и тутунски производи
Освен целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, се предвидува и забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунски и никотински производи...

Со Нацрт-законот за заштита од пушење, кој денеска и официјално е објавен на електронскиот регистар, се предвидува драстично заострување на државната политика кон пушењето цигари и тутунски производи.
Освен целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, се предвидува и забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунски и никотински производи.
Доколку биде усвоен, законот изрично ќе забрани пушење и во објекти и во возила што претставуваат работни места, како и во сите видови јавен превоз, како и на аеродроми, автобуски станици, езерски пристаништа и на станици на градски и приградски јавен превоз.
Со предлог-законот се забранува и пушење во приватно возило во присуство на дете. Казните за прекршување на законските одредби ќе се движат од две до 5 илјади евра за правни лица, а казната за физичките лица ќе биде во износ од 150 до 300 евра.
