Одбележување

18 години од хеликоптерската несреќа кај Блаце

12.01.2026 08:42

Армиски хеликоптер Ми-17 се урна кај селото Блаце, Катлановско, на само 50-тина метри од последните куќи во селото...

Денеска се одбележуваат осумнаесет години од хеликоптерската несреќа во која трагично загинаа единаесет припадници од составот на воздухопловниот Винг. Армиски хеликоптер Ми-17 се урна кај селото Блаце, Катлановско, на само 50-тина метри од последните куќи во селото. Во услови на намалена видливост, поради маглата, хеликоптерот ја почнал постапката за слетување на аеродромот, на падот му претходела експлозија. Во несреќата немаше преживеани, а загинаа потполковник Тони Спасовски, водник Александар Васиќ, водник Александар Тасковски, заставник Тони Давитковски, постар водник Јанко Шириќ, мајор Горан Ристовски, десетар Златко Вељановски, капетан Бране Спасовски, водник Мики Ивановски, заставник Славчо Василев и капетан Игор Ѓоревски. Единаесетте мировници се враќаа од мисијата алтеа во Босна и Херцеговина.

На одбележувањето на хеликоптерската несреќа на спомен обележјето во Катлановско Блаце, цвеќиња ќе положат делегации од Министерство за одбрана и генералштабот на Армијата предводени од министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски. Претходно, припадниците на воздухопловниот Винг ќе го одбележат настанот со полагање цвеќиња на спомен обележјето пред командата во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.