Вечерва почнува традиционалниот „Вевчански карневал 2026“
Централната карневалска поворка ќе се одржи утре од 13 часот, кога во центарот на Вевчани ќе се сретнат карневалите од двете маала, што претставува кулминација на манифестацијата.

Со концерти на популарна музика, на кои ќе настапат рап-дуетот „Пука козметика“, „Влатко Лозаноски бенд“ и „Брас брадрс“, вечерва почнува традиционалниот „Вевчански карневал 2026“ во Вевчани.
Централната карневалска поворка ќе се одржи утре од 13 часот, кога во центарот на Вевчани ќе се сретнат карневалите од двете маала, што претставува кулминација на манифестацијата.
Утревечер од 20 часот ќе следуваат концерти на фолк-музика, со настапи на Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски и оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“. Музичката програма ќе заврши на полноќ со настап на Перо Бели и групата „Вип“, кои традиционално ќе ги испратат карневалите на изворите.
Вевчанскиот карневал, со традиција долга речиси 1.400 години, претставува спој на пагански обичаи, христијанска традиција и современа сатира и има силна социјална и културна улога во заедницата. Карневалот симболично го означува преминот од старата во новата година, како и потребата од прочистување, обновување и нов почеток.
