Краткиот филм „13 Чуда на Македонија“ на фестивал во Италија

09.09.2014 10:17

Jубилејното 25-то издание на овој светски респектиран фестивал ќе се одржи од 7-11 Октомври во Роверето, a ќе бидат прикажани вкупно 44 филма од 15 земји во светот...

Македонскиот краток филм „13 Wonders of Macedonia“  (13 Чуда на Македонија) во продукција на Трето Уво од Скопје, влезе во конкуренција во официјалната програма на меѓународниот фестивал на археолошки филмови во Роверето Италија.

Jубилејното 25-то издание на овој светски респектиран фестивал ќе се одржи од 7-11 Октомври во Роверето, a ќе бидат прикажани вкупно 44 филма од 15 земји во светот како: Италија, Франција, Америка, Шпанија, Малезија итн. Во целиот пропаганден материјал, во печатените и електронските медиуми нашиот филм и нашата земја се најавувани под уставното име Македонија, соопштуваат од продукцијата.

„Ова ќе биде светска премиера на филмот и претставува огромен успех за нас, инаку филмот е сегмент од глобалниот и пообемен промотивен проект "Wonderful Macedonia".  Филмот е посветен на македонската милениумската цивилизација, духовно и културно разгранетиот хоризонт на македонското постоење и ја позиционира Македонија како базична цивилизациска оска на Балканот, Медитеранот и Европа. Задоволството е дотолку поголемо што "13 Wonders of Macedonia" е единствен филм од балканските земји што успеа да влезе во официјалната конкуренција на овој престижен фестивал", изјави Иво Јанквоски.