Иран

Иранските демонстранти остануваат на улиците

12.01.2026 12:08

Иранските демонстранти остануваат на улиците. Расте бројот на загинати и повредени, илјадници се уапсени. Американскиот претседател вели оти Иран предложил преговори по неговата заканата дека ќе ја нападне исламската република поради крвавото задушување на демонстрациите. Претходно, претседателот на иранскиот Парламент ги предупреди САД и Израел дека би можеле да бидат мети, доколку Америка го нападне Иран. Меѓународната заедница со осуда за насилствата.

Со прекин на интернетот и телефонските линии, тешко е да се процени ситуацијата во Иран. Светските агенции јавуваат за стотици загинати и ранети, илјадници уапсени на протестите против режимот. Трамп вели оти Иран предложил преговори по неговата заканата, дека ќе ја нападне Исламската Република поради крвавото задушување на демонстрациите.

„Се чини дека се убиени некои луѓе кои не треба да бидат убиени. Тие се насилни – ако ги наречете лидери, не знам дали се лидери, тие владеат преку насилство. Но, ние го разгледуваме тоа многу сериозно. Ако го сторат тоа, ќе ги погодиме на нивоа на кои никогаш порано не биле погодени и тие дури и нема да веруваат во тоа. Имам опции кои се толку силни. Значи, ако го сторат тоа, ќе бидат пречекани со многу, многу моќна сила“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Претходно, претседателот на иранскиот парламент ги предупреди САД и Израел дека би можеле да бидат мети доколку Америка го нападне Иран. Израелските власти внимателно ја следат состојбата.

„Сите се надеваме дека персиската нација наскоро ќе биде ослободена од тиранијата, и кога ќе дојде тој ден, Израел и Иран повторно ќе бидат верни партнери во градењето просперитет и мир за двата народа“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Иранската државна телевизија објави вознемирувачки снимки за кои тврди дека се гледаат тела во мртовечница, а меѓу нив биле случајни минувачи што се нашле меѓу насилната толпа.

„На овие собири има поединци кои сакаат да ги довлечат обичните луѓе, луѓето кои немаат никаква врска со овие настани и нивните семејства во оваа ситуација, така што и тие се вовлечени во хаосот и излегуваат на улиците“, Извештај на државната телевизија на Иран.

Демонстрациите против раководството во Иран се проширија и во други земји во светот. Синот на соборениот шах на Иран кој живее во егзил во САД, отворено ги поддржува протестите и тврди дека е подготвен да предводи преодна власт во Техеран.

„Цел живот се тренирав токму за овој момент и луѓето ме повикуваат да се вмешам и да ја водам оваа транзиција. Мора да обезбедиме стабилност, да ги заштитиме граѓаните, да ја стабилизираме економијата. И за тоа имаме многу сеопфатен план“, изјави Реза Пахлави, син на соборениот шах на Иран.

Меѓународната заедница со осуда за случувањата. Генералниот секретар на ООН, Гутереш апелираше до иранските власти да не применуваат насилство врз демонстранти и побара на граѓаните повторно да им се овозможи пристап до интернет.

 

Маријана Димовска