Kамбовски задоволен од изборот на претседателката за нови членови на Судскиот совет
Првиот човек на Судскиот совет, Александар Камбовски е задоволен од предлозите на претседателката за нови членови на телото. Шефицата на државата ги номинираше адвокатката Сузана Јошевска – Анастасовска и професорката Арлинда Кадри Шахиновиќ, кои законодавниот дом треба да ги потврди. Камбовски очекува, новиот закон да донесе квалитетни промени во работата на Судскиот совет ...

Првиот човек на Судскиот совет Александар Камбовски не се сомнева во изборот на шефицата на државата, која до Собранието достави предлог адвокатката Сузана Јошевска – Атанасовска и професорката Арлинда Кадри – Шахиновиќ да бидат нови членови на највисокото судско тело. Камбовски не се впушти во евалуација на предложените кадри, но кратко оцени дека станува збор за вистински професионалци.
Сега двете правнички предложени од Сиљановска Давкова и нивниот колега Аљбан Кадриу кој е предлог на Коалицијата „Вреди“ треба да го минат собранискиот филтер за да стапат на функцијата. Во меѓувреме, членовите на Судски ги анализираат новините што ги носи новиот закон, за кој сметаат дека ќе доведе до поквалитетни промени во работата на Советот.
Новиот закон предвидува јавност во постапките за разрешување на претседател на Советот, дефинирање на терминот „истакнат правник“, како и зајакнување на критериумите за избор на членови.
Со цел зајакнување на довербата во судството, новиот закон за Судски совет подразбира и поголема транспарентност, преку обврска на членовите да ги образложуваат одлуките, како и јасни правила за дисциплинска одговорност на судиите и членовите на советот.
Анита Димитријевска - Велковска
