Култура

„Диско вечер“ - традиционален гала концерт за Василица во МОБ

12.01.2026 11:37

Македонската национална опера и балет и годинава ја продолжува традицијата на празничниот гала концерт по повод Василица. Под наслов „Диско вечер“, публиката на 12 и 13 јануари ќе ужива во симфониска интерпретација на најголемите диско и поп хитови од 70-тите и 80-тите години.

Традиционалниот гала концерт по повод празникот Василица во Македонската национална опера и балет ќе се одржи на 12 и 13 јануари 2026 година, со почеток во 20 часот. Годинешното издание, насловено „Диско вечер“, носи современо и динамично сценско доживување, инспирирано од безвременската популарна музика на втората половина од 20 век.

Концертната програма е посветена на најпознатите диско и поп хитови од 70-тите и 80-тите години, со дела на светски познати автори и изведувачи како Gloria Gaynor, Donna Summer, ABBA, Bee Gees, Michael Jackson и други. Овие композиции ќе бидат изведени во ново, симфониско руво, преку аранжмани што ја надградуваат нивната оригинална форма и ги поставуваат во контекст на современа концертна естетика.

Со овој уметнички концепт, „Диско вечер“ создава мост меѓу жанровите и генерациите, поврзувајќи ја популарната музика со класичната сцена. Настанот ја нагласува отвореноста на МОБ кон современите културни текови и нејзината мисија да понуди иновативни и пристапни програми за пошироката публика.

На сцената ќе настапат Оркестарот на Македонската национална опера и балет и Националниот џез оркестар, заедно со домашни и странски солисти: Џудит Н. Беноа (Велика Британија), Даниел Ситрит (Данска), Клара Лукас (Германија), Мартин Лин (Данска) и Ана Петановска (Македонија). Диригент на концертот е Емин Џијан, режијата е на Дејан Прошев, сценографијата и видеодизајнот на Марија Ветероска, а светлосниот дизајн на Милчо Александров.

МРТ ќе врши пренос во живо од концертот на 13 јануари, со почеток од 20:10 на првиот програмски сервис.