Кулминација на протестите во Иран
Светските агенции јавуваат за стотици загинати и ранети, илјадници уапсени на протестите против режимот. Трамп вели оти Иран предложил преговори по неговата заканата дека ќе ја нападне Исламската Република...

Со прекин на интернетот и телефонските линии, тешко е да се процени ситуацијата во Иран. Светските агенции јавуваат за стотици загинати и ранети, илјадници уапсени на протестите против режимот. Трамп вели оти Иран предложил преговори по неговата заканата дека ќе ја нападне Исламската Република поради крвавото задушување на демонстрациите.
„Се чини дека се убиени некои луѓе кои не треба да бидат убиени. Тие се насилни – ако ги наречете лидери, не знам дали се лидери, тие владеат преку насилство. Но, ние го разгледуваме тоа многу сериозно. Ако го сторат тоа, ќе ги погодиме на нивоа на кои никогаш порано не биле погодени и тие дури и нема да веруваат во тоа. Имам опции кои се толку силни. Значи, ако го сторат тоа, ќе бидат пречекани со многу, многу моќна сила“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Претходно, претседателот на иранскиот парламент ги предупреди САД и Израел дека би можеле да бидат мети доколку Америка го нападне Иран. Израелските власти внимателно ја следат состојбата. Иранското МНР уверува дека не сака војна.
„Прашавте дали превентивна операција е на нашата агенда – не е. Не сакаме војна, но сме целосно подготвени за неа. Ние сме уште поподготвени отколку пред последната војна, а причината за тоа е очигледна“, рече Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Демонстрациите против раководството во Иран се проширија и во други земји во светот. Синот на соборениот шах на Иран кој живее во егзил во САД, отворено ги поддржува протестите и тврди дека е подготвен да предводи преодна власт во Техеран.
„Цел живот се тренирав токму за овој момент и луѓето ме повикуваат да се вмешам и да ја водам оваа транзиција. Мора да обезбедиме стабилност, да ги заштитиме граѓаните, да ја стабилизираме економијата. И за тоа имаме многу сеопфатен план“, изјави Реза Пахлави, син на соборениот шах на Иран.
Меѓународната заедница со осуда за случувањата.
„Насилство не е знак на сила, туку знак на слабост. Ова насилство мора да заврши“, рече Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Генералниот секретар на ООН, Гутереш апелираше до иранските власти да не применуваат насилство врз демонстранти и побара на граѓаните повторно да им се овозможи пристап до интернет.
Маријана Димовска
