Половина држава со цигара в рака
Според последните истражувања 45,4 проценти од граѓаните се активни пушачи. Речиси секој втор. Просечниот активен пушач во земјава консумира до 18 цигари дневно. Најголемиот дел – цела кутија. Алармантни се податоците за младите...

Наутро, пред работа. На пауза. По ручек. Навечер, на тераса. Цигарата во Македонија одамна не е навика – таа е ритам.
Според последните истражувања на Институтот за јавно здравје, спроведени во соработка со Министерството за здравство и Светската здравствена организација, 45,4 проценти од граѓаните се активни пушачи. Речиси секој втор.
Бројки што ја ставаат Македонија далеку над европскиот просек – во ЕУ пушат околу 19,7 проценти од населението.
СЕ ПУШИ ПО ЦЕЛА КУТИЈА ДНЕВНО
Просечниот активен пушач во земјава консумира до 18 цигари дневно. Најголемиот дел – цела кутија. Најчесто тоа се мажи, со пониска перцепција за ризикот, со силна зависност и со лесен пристап до пушење – дома, на работа, во кафуле.
Истражувањето првпат појасно ја мери и употребата на уредите што го загреваат тутунот, или познати како електронски цигари. Ова истражување на Институтот за јавно здравје покажува алармантни податоци за младите.
„Последниот извештај од ЕСПАД, што е спроведен буквално во сите училишта на територијата на Република Македонија, цигарите се користат кај момчињата 37,4%, оние обичните цигари, а 40,3% се користат електронските. Тоа е еден висок процент, зборувам за деца на 15-16 годишна возраст, па и помали“, изјави Марија Андонова-директорка на ИЈЗ.
АЛАРМАНТНИ ПОДАТОЦИ ЗА МЛАДИТЕ
Податоците од истражувањето, дополнително се поткрепени и со бројните аларми од училиштата.
Македонската телевизија дојде до една порака од загрижен класен раководител во основно училиште каде што се повикуваат родителите на ученици од осмо и деветто одделение на родителска средба заради зголемен број на корисници на електронски цигари.
Најпоразителниот податок доаѓа од системот за помош при откажување. Во 2023-та година, во сите 10 центри за јавно здравје во државата, само 43 лица побарале советување за откажување од пушење. Во седум центри – немало никаква активност.
Македонија има закони. Има и потпишана Рамковна конвенција за контрола на тутунот уште во 2006-та година.
Но, измените од 2018-та и 2021-ва година повторно дозволија пушење на тераси, во посебни делови од угостителските објекти, па дури и користење уреди за загревање тутун во затворен простор.
Катерина Топалова
