Традиција

Сите патишта водат кон Вевчани

12.01.2026 14:12

Од вечерва сите патишта водат кон Вевчани. Започнува карневалската забава, а утре е централното дефиле под маски. Маските се чуваат во строга тајност. Организаторите најавуваат богата музичка програма – вечерва концерти на забавна музика а утре фолк забава...

Снежното Вевчани мирно и тивко. Под падините на Јабланица, како да го задржува здивот. Сè е подготвено, за карневалското лудило. Се чекаат звуците на зурлите и тапаните – кои утре ќе го означат долгоочекуваното дефиле.

Со првите тонови ќе се развиори василичарското оро и ќе продолжи вековната традиција што го прави Вевчани посебно.

„Веќе утре влегуваме во маскенбалот. Почнувајќи со поворката на Василичари што почнува од почетокот на Вевчани до центарот. Како и секоја година, Вевчани е подготвено и со отворено срце и полна душа ги очекува сите добронамерници кои сакаат убаво да си поминат“, вели Спасе Кочовски градоначалник на општина Вевчани.

Во овие денови, Вевчани наликува на слободен театар без граници – исполнет со хумор и сатира. Маските се подготвени, но далеку од очите на јавноста.

„За нас претставува светост. Еден обичај под маски, една традиција што се негува векови, претставува една едно богатство коешто вевчанецот го чува како нешто свое, го презентира во најдобра смисла пред пошироката јавност“, вели Сашо Бетоски василичар.

Годинава на Вевчанскиот карневал присуствува музичка група од Белгија, кои веќе се воодушевени од вековните уникатни обреди.

„Истражувавме за карневалите ширум светот и дознавме дека Вевчанскиот е еден од најстарите карневали во Европа и во светот. И еве не уживаме со длабоки чувства. Почестени сме да го почувствуваме благодатот на овој вековен карневал. За нас е навистина чест“, вели Енрике Новиеле музичар од Белгија.

Традиција, сатира и слобода. Вевчани ги брои последните часови до карневалската забава, а до утрешното дефиле маските се чуваат во строга тајност, далеку од очите на љубопитните посетители.

Соња Рилковска