локални избори

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со спротивставени толкувања по изборите, ВРЕДИ честиташе

12.01.2026 18:29

Коалицијата НАИ освои уште два градоначалнички мандата по повторените избори, ВМРО-ДПМНЕ победи во Маврово-Ростуше, Демократската партија на Турците во Центар Жупа. Власта и опозицијата со различни оценки за епилогот од гласањето. ВМРО-ДПМНЕ рече дека граѓаните ги препознале резултатите, СДСМ коментира дека опозицијата освоила повеќе гласови од власта...

Како и по секои избори така и на повторените сите се победници, барем ваков впечаток се остава по реакциите на партиите откако завршија повторените локални избори.

ВМРО-ДПМНЕ освои уште еден градоначалнички мандат во Маврово-Ростуше и на локалните избори освои 56 општини. Според партијата изборниот исход уште еднаш потврдил дека довербата не се добива со лажни ветувања, туку се гради со работа, резултати и одговорност.

Социјалдемократите обвинуваат дека и покрај сите можни злоупотреби и притисоци опозициските кандидати за градоначалници на повторените локални избори освоиле двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.

И интегративците тврдат, тие се победници на локалните избори, коалицијата НАИ покажала дека е најсилна кога е обединета.

Од ВЛЕН им ја честитаа победата на кандидатите на НАИ во Гостивар и Врапчиште, но сметаат дека со освоени 10 градоначалнички места се политичката локомотива на Албанците.

Во среда, закажана средба на лидерите на парламентарните партии. СДСМ одби присуство, Левица ќе присуствува, а во ДУИ ја чекаат поканата по што ќе донесат конечна одлука. Дел од темите укинувањето на техничката влада, спикерот Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, земјава нема потреба од техничка влада за организирање избори.

 

Викторија Милевска