Судски совет

Нови членови на Судскиот совет

12.01.2026 18:14

Судскиот совет доби нови членови – Собранието ги поддржа предлозите на претседателката, Камбовски задоволен од изборот. Сиљановска-Давкова со порака – реформите во правосудството да ги водат личности кои се препознатливи во своето дејствување...

Ако сакаме да го реформираме судството мора да почнеме од органот којшто оценува, мери, евалуира и одлучува за избор и разрешување на судии, рече шефицата на државата претставувајќи ги пред пратениците двата предлога за членови во Судскиот совет. Сиљановска – Давкова рече дека адвокатката Сузана Јошевска – Атанасовска и професорката Арлинда Кадри – Шахиновиќ се способни жени со интегритет, кои може да ја вратат довербата во судството.

Претседателот на судскиот совет Александар Камбовски дециден – не се сомнева во изборот на претседателката.

И двете кандидатки добија поддршка од мнозинството пратеници и го минаа последниот филтер пред да стапат на функцијата. Во меѓувреме, нивните идни колеги, членовите на Судски, ги анализираат новините што ги носи новиот закон, за кој сметаат дека ќе доведе до поквалитетни промени во работата на Советот.

Со цел зајакнување на довербата во судството, новиот закон за Судски совет подразбира и поголема транспарентност, преку обврска на членовите да ги образложуваат одлуките, како и јасни правила за дисциплинска одговорност на судиите и членовите на советот.

 

Анита Димитријевска - Велковска