Здравство

Алиу: Предлог-законот за пушење не е рестриктивен, туку европски

12.01.2026 16:51

„Не ни е целта да казнуваме, туку да едуцираме за штетноста на цигарите“ – министерот за здравство Алиу очекува Предлог-законот за заштита од пушење конечно да ја симне Македонија од врвот на европските статистики по бројот на зависници од никотин. Решението што треба да влезе во сила на 1-ви март предвидува забрана за пушење во јавни институции и на јавен простор, но и забрана за промоција на вакви производи – целта е да се намалат и бројот на пушачи и трошоците за лекување на заболувањата, предизвикани од пушењето.

Предлог-законот за пушење не е рестриктивен, туку е европски, велат здравствените власти. Усогласен е со глобалните здравствени политики. Министерот Алиу смета дека ќе придонесе за намалување на корисниците на тутун во земјава и ќе ги намали трошоците за лекување од заболувања предизвикани од пушењето.

„Со нездраво население вие му одмагате на бизнисот многу повеќе отколку со вакви закони против пушење на цигари во затворени простории. Направена е и таква анализа, луѓе кои се зависници од цигари се помалку активни во секојдневната работа во државните и во приватните институции“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.

Алиу вели, новиот закон нема да доведе до затворање на бизнисите. Со него пушењето не се забранува целосно, туку се регулира каде ќе биде дозволено, заради заштита на јавното здравје. Доколку угостителските објекти го приспособат просторот ќе има можност да се пушат цигари.

Од економски аспект не се очекуваат загуби, државата и натаму ќе обезбедува субвенции за тутун, а има и значаен извоз.

Новиот закон за пушење предвидено е да стапи на сила на 1-ви март. Со него се забрануваат сите видови цигари, вклучително и електронските. Нема да можат да се пушат цигари во угостителски објекти, пред државните институции, болници, градинки, училишта, студентски домови. Казниво ќе биде и доколку запалите цигара на автобуска постојка.

Освен забрана за пушење во јавни институции и на јавен простор, законот предвидува забрана и за рекламирање на цигари.

Андријана Ѓурческа