Печалбарите од Авганистан и Ирак на секојдневни протести пред УЈП
Печалбарите од Авганистан и Ирак на секојдневни протести пред Управата за јавни приходи во Куманово. Иако одржале средба со надлежните, засега решение нема. Бараат одлагање на рокот за плаќање на даноците, но и правилно утврдување на даночната резидентност...

Поранешните вработени во Авганистан и Ирак повторно преку протест пред Управата за јавни приходи порачаа дека се против ретроактивно оданочување. Бараат втора средба со надлежните. Информираа веќе се сретнале со премиерот Мицкоски и директорката на УЈП, на која како што тврдат, добиле ветувања за пролонгирање на рокот за плаќање до 31-ви мај, отворање на канцеларии со тимови кои ќе работат на надминување на проблемот, како и признавање на обезбедените документи.
„Тие барања ни ги одбија, фирмите кои работевме ни пратија документи дека плаќале 15% данок во Ирак тие не ги прифаќаат, тие бараат да идеме во Ирак да земеме официјални документи“, истакна Жикица Миланов, поранешен вработен.
„Ние секојдневно носиме во Управата за јавни приходи дали лично дали по електронска пошта имаме само негативни одговори“, дополни Зоран Наковски, поранешен вработен.
Поранешните вработени тврдат и дека не треба да бидат оданочени бидејќи биле надвор од државата повеќе од 183 дена. Даночните решенија се со рок до 15-ти месецов, по што ќе се пресметуваат камати.
Овие поранешни вработени најавуваат секојдневни мирни протести и блокада на улицата пред УЈП Куманово, во приод од 14 до 16 часот.
Во Авганистан и Ирак изминативе години работеа над 10.000 кумановци.
Елена Георгиевска
