Иран

Бела куќа: Дипломатијата е прва опција

13.01.2026 09:53

Американскиот претседател Трамп најави воведување на итни царини од 25 насто за земјите кои одржуваат економски врски со Техеран. Дипломатијата е првата опција во Иран, но Трамп не се плаши да користи воени опции, став на Белата Куќа...

Продолжуваат протестите во Иран. Светските агенции јавуваат за стотици загинати и ранети. Американскиот претседател Трамп најави воведување на итни царини од 25 насто за земјите кои одржуваат економски врски со Техеран. Дипломатијата е првата опција во Иран, но Трамп не се плаши да користи воени опции, став на Белата Куќа.

„Дипломатијата е секогаш првата опција за претседателот. Тој кажа дека она што го слушате јавно од иранскиот режим е сосема различно од пораките што администрацијата ги добива приватно, и мислам дека претседателот има интерес да ги истражи тие пораки. Сепак, претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции, доколку и кога смета дека е потребно. И никој не го знае тоа подобро од Иран“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.

ООН велат дека реториката околу Иран е загрижувачка.

„Генералниот секретар беше многу јасен во употребата на јазикот во однос на она што всушност се случува во Иран и репресијата и убиствата на цивили што ги гледаме, што е загрижувачко. Во исто време, тој ја слуша и реториката околу ситуацијата во Иран, што го загрижува, и ги охрабрува сите да го усвојат патот на дипломатијата и дијалогот“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.

Трамп се закани дека ќе преземе воена акција против Исламската Република поради бруталното задушување на протестите што почнаа пред повеќе од две недели и се проширија низ целата земја. Сепак американскиот претседател објави дека Техеран побарал разговори.