Свет

Иранските демонстранти остануваат на улиците, Трамп воведе 25% царини за земјите кои тргуваат со Иран

13.01.2026 12:32

Иранските демонстранти остануваат на улиците. Светските агенции нотираат стотици жртви. Режимот во Иран излезе на контра – протест и тврди дека ситуацијата е под контрола. Американскиот претседател Трамп најави итни царини од 25 насто за земјите кои одржуваат економски врски со Техеран. Од Белата куќа велат дека дипломатијата е првата опција, но не се плашат да користат и воени опции. Обединетите нации предупредуваат за загрижувачка реторика...

По 15 дена протести и стотици загинати и ранети, режимот во Иран тврди дека ситуацијата е под контрола. Иранските државни медиуми објавија дека десетици илјади луѓе излегле на улиците на Техеран за поддршка на владата. Американските власти ги повикаа државјаните на САД веднаш да ја напуштата земјата поради постојаните немири. Трамп веќе се закани дека ќе преземе воена акција против Исламската Република поради бруталното задушување на протестите, од Белата Куќа велат дека дипломатијата е првата опција, но не се плашат да користат и воени опции.

„Она што го слушате јавно од иранскиот режим е сосема различно од пораките што администрацијата ги добива приватно, и мислам дека претседателот има интерес да ги истражи тие пораки. Сепак, претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции, доколку и кога смета дека е потребно. И никој не го знае тоа подобро од Иранж“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.

Американскиот претседател потврди дека добил покана од иранските лидери за преговори, но додаде дека САД можеби ќе мора да дејствуваат пред евентуален таков состанок. Во исто време најави итни царини од 25 насто за земјите кои одржуваат економски врски со Техеран.

„Веднаш стапува на сила, секоја земја што соработува со Исламската Република Иран ќе плаќа царина од 25% за секој бизнис во Соединетите Американски Држави. Оваа наредба е конечна“, објави на претседателот на САД, Доналд Трамп.

ООН велат дека реториката околу Иран е загрижувачка.

„Генералниот секретар беше многу јасен во употребата на јазикот во однос на она што всушност се случува во Иран и репресијата и убиствата на цивили што ги гледаме, што е загрижувачко. Во исто време, тој ја слуша и реториката околу ситуацијата во Иран, што го загрижува, и ги охрабрува сите да го усвојат патот на дипломатијата и дијалогот“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.

Во меѓувреме, Израел ги подигна безбедносните и оперативните мерки на повисоко ниво, поради проценки дека Вашингтон би можел да преземе директни чекори во однос на Иран. Во Тел Авив се работи со сценарио во кое секоја американска интервенција може да предизвика ирански одговор што ќе ги прошири ризиците и врз Израел.

Маријана Димовска