Украина

Напади врз украинската енергетска инфраструктура

13.01.2026 11:43

Русија со жестоки напади врз Украина. Киев, Харков и Одеса под оган од балистички ракети и дронови. Жртви и ранети меѓу цивилите. Нападите доаѓаат во момент кога голем дел од земјата е без струја и греење поради оштетената енергетска инфраструктура. Советот за безбедност на ООН на итна седница, со меѓусебни обвинувања меѓу Вашингтон и Москва, додека Киев бара построги санкции и безбедносни гаранции...

Русија го нападна Киев со балистички ракети и дронови. Жртви и ранети во гранатирање и во Харков и Одеса. Нападите следуваат во време кога поголемиот дел од земјата е без електрична енергија и затоплување поради оштетената инфраструктура. Советот за безбедност на ООН на итна седница дискутираше за нападите кон украинските цивили и енергетската инфраструктура.

„Како што температурите паѓаат далеку под нулата, руската федерација ги интензивираше своите систематски напади насочени кон енергетската инфраструктура на Украина. Нападите убија и повредија десетици цивили и ги лишија милиони украинци од електрична енергија, греење и вода подолг период“, изјави Розмари Дикарло, заменик-генерален секретар на ООН за политички и мировни прашања.

САД ја осудија Русија за користењето на ракетата „Орешник“.

„Само пред неколку дена, американските дипломати се сретнаа со колегите од ЕУ и Украина за да ги унапредат преговорите кон траен мир. И покрај ова, Русија почна повеќе напади врз Украина, вклучително и лансирањето на нејзината нуклеарна балистичка ракета Орешник, насочена кон област на Украина близу до границата со Полска и НАТО. Ова претставува уште една опасна и необјаснива ескалација на оваа војна“, изјави Тами Брус, заменик-претставник на САД во ООН.

Русија пак ги отфрла обвинувањата дека таргетира цивили. Постојаниот претставник во ООН истакна дека Украина мора да се согласи на реални услови за крај на војната.

„Одеднаш, Европската комисија почна да зборува за фактот дека во одреден момент ЕУ ќе мора да води дијалог со Русија. Само сакам да прашам каде бевте претходно? Никогаш не престанавме да разговараме. Но, повторно, вие арогантно верувавте дека тоа нема да се случи, бидејќи Русија ќе претрпи стратешки пораз сè додека киевскиот лидер не се освести и не се согласи на реални услови за преговори“, изјави Василиј Небензја, постојан претставник на Русија во ООН.

Зеленски повика на построги мерки против руската „флота во сенка“ и финансиските шеми што овозможуваат заобиколување на санкциите.

„Гледаме дека постојат многу алатки за блокирање на оние кои ги избегнуваат санкциите или поддржуваат маргинални режими. Русија мора да почне да го испробува сето ова сега, ако одбие да се движи кон вистински мир“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Зеленски претходно нареди документот за безбедносни гаранции за Украина од САД да биде финализиран и доставен на разгледување на највисоко ниво.

 

Катерина Бојаџиева