Иранските демонстранти остануваат на улиците, светските агенции нотираат стотици жртви
Иранските демонстранти остануваат на улиците. Светските агенции нотираат стотици жртви. Режимот во Иран излезе на контра – протест и тврди дека ситуацијата е под контрола. Од Белата куќа велат дека дипломатијата е првата опција, но не се плашат да користат и воени опции. Американскиот претседател Трамп најави итни царини од 25 насто за земјите кои одржуваат економски врски со Техеран. Од Кина со став, нема победници во трговските војни...

По 15 дена протести и стотици загинати и ранети, режимот во Иран тврди дека ситуацијата е под контрола. Иранските државни медиуми објавија дека десетици илјади луѓе излегле на улиците на Техеран за поддршка на владата. Американските власти ги повикаа државјаните на САД веднаш да ја напуштат земјата поради постојаните немири. Трамп веќе се закани дека ќе преземе воена акција поради бруталното задушување на протестите, од Белата Куќа велат дека дипломатијата е првата опција, но не се плашат да користат и воени опции.
„Дипломатијата е секогаш првата опција за претседателот. Сепак, претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции, доколку и кога смета дека е потребно. И никој не го знае тоа подобро од Иран“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Американскиот претседател потврди дека добил покана од иранските лидери за преговори, но во исто време најави итни царини од 25 насто за земјите кои одржуваат економски врски со Техеран.
„Веднаш стапува на сила, секоја земја што соработува со Исламската Република Иран ќе плаќа царина од 25% за секој бизнис во Соединетите Американски Држави. Оваа наредба е конечна“, објави на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Кина се противи во мешањето во внатрешните работи на други земји и на употребата или заканата со сила во меѓународните односи.
„Ставот на Кина по прашањето на царините е кристално јасен. Нема победник во царинска војна. Кина цврсто ќе ги заштити своите легитимни и законски права и интереси. Кина се надева и го поддржува Иран во одржувањето на националната стабилност“, изјави Мао Нинг, портпарол на МНР на Кина.
ООН велат дека реториката околу Иран е загрижувачка.
„Генералниот секретар беше многу јасен во употребата на јазикот во однос на она што всушност се случува во Иран и репресијата и убиствата на цивили што ги гледаме, што е загрижувачко. Во исто време, тој ја слуша и реториката околу ситуацијата во Иран, што го загрижува, и ги охрабрува сите да го усвојат патот на дипломатијата и дијалогот“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.
Меѓународната заедница алармира за мирно решавање на конфликтот.
„Верувам дека сега ги гледаме последните денови и недели од овој режим. Во секој случај, тој нема легитимитет преку избори кај населението. Се надевам дека постои можност овој конфликт да се заврши мирно“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Во меѓувреме, Израел ги подигна безбедносните и оперативните мерки на повисоко ниво, поради проценки дека Вашингтон би можел да преземе директни чекори во однос на Иран.
Маријана Димовска
