Македонија

Поскапеа градинките во дел од општините

13.01.2026 17:13

За над 30 насто поскап партиципацијата за градинките во дел од општините. Наместо 1.490 родителите плаќаат по две илјади денари месечно. Според локалните власти зголемувањето на цената се должи на покачените трошоци за живот.

Со новата година и нови давачки за родителите, чии деца одат во градинките. Вакви одлуки согласно законските надлежности и по предлог на управните одбори на градинките донесоа советите на Општина Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров, Штип, и други. Зголемувањето е во просек од 33 проценти така што цените од 1.490 денари се зголемија на 2.000 денари.

Општинарите велат дека барањата на градинките се оправдани бидејќи енормно се зголемиле трошоците за храна, електрична енергија, гориво и други побарувања кои ги имаат за соодветен престој на децата.

Овие одлуки се донесени согласно Законот за заштита на децата и Законот за локална самоуправа, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Во некои општини пак како Струмица 23 години не се зголемени цените а и нема најави за такво нешто. Во општина Лозово родителите се ослободени од плаќање на партиципацијата за градинките. На зголемувањето на цените реагираа родителите пред сè на социјалните мрежи во врска со дополнителни трошоци, односно тоа што од градинките им бараат да купат средства за хигиена, влажни марамчиња, хартиени бришачи и да ги донесат во установата.

Инаку претходно неколку општини низ државата меѓу кои општина Карпош ги зголемија надоместоците за сместување во детските градинки по што следуваа одлуки на советите на последните седници во 2025 година.

 

Фиљана Кока