Шпанците се од друга димензија, вниманието веќе кон Луксембург
Шпанија е предалеку од македонските фудбалери, па затоа поразот од 5-1 нужно не ги отсликува настаните на теренот. Можеше и полошо...

Во Валенсија толку. Ниту се надевавме, ниту можевме повеќе. Шпанија е предалеку од македонските фудбалери, па затоа поразот од 5-1 нужно не ги отсликува настаните на теренот. Можеше и полошо.
„Во овој момент овој резултат е реалност. На крај уште и добро поминавме, бидејќи Шпанците можеа да постигнат уште некој гол“, признава селекторот Бошко Ѓуровски. „Во вториот дел го сменив системот, но ова е нашиот максимум и ни останува да се свртиме кон Луксембург и кон другите противници. Почнав со тројца напаѓачи и се обидов да наметнам поофанзивно размислување. Но, кога ќе ја одземевме топката брзо ја губевме и тоа е причината за која примивме неколку голови. Мислам дека моравме во средниот ред да реагираме подобро и мислам дека тука лежи проблемот“, објаснува Ѓуровски.
Планиравме висок пресинг и трансформација на системите. Сакавме што подолго да бидеме во игра и да чекаме контра. Но немаме доволен квалитет, па идеите и овој пат останаа повеќе на хартија. Затоа стратегијата мора да се потпре на реалните можности на поединците.
„Нема што да им замерам на моите фудбалери. Јас ја преземам одговорноста за овој пораз. Од друга страна, задоволен сум што упативме многу удари кон противничкиот гол, но не смеевме да примиме така евтини голови на крајот од двете полувремиња“, рече селекторот по натпеварот.
Пачовски, Ибраими, Абдурахими, Јаховиќ. Тука завршува листата на играчи со преодна оцена. Друите не се покажаа. Со Шпанија е тешко да се одбрани голот, но седумтемина дефанзивно ориентирани фудбалери требаше да бидат постабилни, повоиграни. Останува и проблемот со првото додавање. Недозволиво е последните играчи за врска да создаваат притисок кон Пачовски место да почнат контра. Без нивни придонес тешко ќе градиме игра. Јасно е дека селекторот нема голем избор., за поздравување е стратегијата да се форсираат младите, но само оние што се способни да ја искористат шансата. Иако трпение мора да имаме, сепак премногу да чекаме не смееме да си дозволиме.
Луксембург во Скопје доаѓа веќе на 9 октомври во меч којшто и однапред може да се смета како патоказ за нашиот национален тим.
