Расте бројот на заболени од грип
Сè поголем број на заразени со грип, амбулантите полни, но и болничките капацитети. Висока температура, кашлица, изнемоштеност се најчестите симптоми. Се почести се и компликациите од вирусот особено кај децата. Десетина на клиниката во „Козле“ се на кислородна поддршка.

Грипот се шири меѓу децата. Бебе од еден месец е најмалиот пациент хоспитализиран на клиниката за белодробни заболувања „Козле“. 10-тина деца со потешка клиничка слика се на кислородна поддршка.
Поради компликации, под болнички надзор сè уште 80-тина. За едно деноноќие лекарите имаат над 200 прегледи, сите доаѓаат со покачена температура која трае и до седум дена .
„Оние предновогодишни забави, Дедо мраз, колективот го направи своето. Затоа годинава побрзо се шири годинава и зазема поголеми бројки. Се прегледуваат дека на секоја возраст, оние кои се хоспитализирани најчесто се до две годишна возраст, кај помалата детска популација грипот знае да даде компликации кои бараат хоспитален третман. Во моментов капацитетите се исполнети, околу 80 деца лежат во болница и се чува место за потешки деца кои ќе имаат потреба од хоспитален третман“, изјави Елена Ѓиновска Тасевска – Клиника за белодробни заболувања „Козле“.
Во периодот што следува, педијатрите очекуваат бројот на болни деца да се зголемува. Министерството за образование допрва ќе одлучува врз основа на податоците од Јавно здравје за ширењето на грипот дали ќе се помести почетокот на второто полугодие.
Зголемен број на заболени од грип надлежните очекуваат со стартот на второто полугодие – откако децата ќе се вратат во училишните клупи. Колективниот престој овозможува полесно ширење на вирусите.
Во првата недела од годинава, Институтот за јавно здравје бележи 1.725 случаи со грип, два пати повеќе од претходната. Висока активност има во Дебар, Велес и Тетово.
Андријана Ѓурческа
