Вевчани денеска беше сцена на хумор, сатира, традиција и карневалска слобода
Сатира, хумор и критики од Вевчани. Досетливите василичари ги на Вевчанскиот карневал ги отворија најчувствителните локални и светски теми: од мигрантската криза, преку корупцијата, до недовербата во судството и војната меѓу Русија и Украина. Вевчани денес живее под маски.

Вевчани сцена на сатира и хумор. На централното карневалско дефиле, василичарите ги прикажаа мигрантската криза, корупцијата, недовербата во судството, иселувањето и недостигот на кадар, како и руско-украинскиот конфликт.
Карневалската поворка ги претвори вевчанските улици во слободен театар под отворено небо, звуците на зурлите и тапаните помешани со ора, игра, смеа и иронија. Доналд Трамп прошета заедно Путин, а главен беше Максим Димитриески со популарната песна.
Со креативност и остар хумор, василичарите повторно покажаа дека Вевчанскиот карневал не е само вековна традиција, туку и огледало на реалноста.
„Нешто што има традиција илјадници години, не може да нема посебно значење и посебно место во македонската култура, посебно за еден ваков фестивал којшто ја третира слободната мисла, го третира хуморот, сатирата. И една од многуте важни работи е што ја третира критиката кон општеството“, изјави министерот за култура, Зоран Љутков.
„Како и секој година. Забава, добра дружба, добра мисла и на крајот да сумираме резултати дека сме поминале нај-нај. Затоа и постои карневалот“, вели градоначалникот Спасе Кочоски.
Вевчанскиот карневал е стар најмалку 1.500 години, дел од Светската асоцијација на карневали, но уникатен спој на паганските и христијанските обичаи.
Соња Рилковска
