Иран

Илјадници демонстранти убиени во Иран, САД со нови закани

14.01.2026 08:49

Илјадници жртви во протестите во Иран. Над 18 илјади луѓе се уапсени. Трамп ги поддржува демонстрантите, им ветува помош. Техеран обвини дека повикот на Трамп е кршење на Меѓународното право и поттикнување политичка дестабилизација …

Бројот на жртви во протестите во Иран се брои во илјадници, над 18 илјади луѓе се уапсени, се користи сила без преседан-соопштија активистите по делумното обновување на комуникациите во земјата. Официјална потврда за големиот број смртни случаи првпат објави и Државната иранска телевизија.

„Меѓу загинатите има луѓе од различни професии и општествени слоеви, вклучувајќи и припадници на обезбедувањето-убиени со огнено и ладно оружје“, објави државната ТВ во Иран.

Пред состанокот во Белата куќа, Трамп ги повика демонстрантите во Иран да продолжат со протестите, најавувајќи дека помошта е на пат. Го предупреди Техеран на силен одговор од САД за евентуални егзекуции на притворените.

„Продолжете да протестирате, преземете ги вашите институции и зачувајте ги имињата на убијците и насилниците бидејќи ќе платат многу висока цена. Ги откажав сите состаноци со иранските претставници додека не престане бесмисленото убивање на демонстранти. Помошта е на пат“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Техеран обвини дека повикот на Трамп е кршење на меѓународното право и поттикнување политичка дестабилизација, но порача дека е подготвен за секое сценарио.

„Подготвени сме за се. Ако САД или Израел сакаат да пробаат воена конфронтација што ја пробаа еднаш и не успеаја, ние сме подготвени. Ако сакаат други опции, исто така сме подготвени. За која и да се одлучат, ние сме подготвени“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

ОН изразија загриженост поради воената реторика и апелираа за дипломатско решение.

„Императив е сите земји-членки да се залагаат за дипломатија, а не за воена реторика“, изјави Стефан Дужарик, портпарол на ОН.

Репресијата од страна на властите во Иран е „неподнослива и нехумана“-реагираат властите во Франција. Велика Британија и ЕУ најавија нови санкции.

„Демонстрантите беа застрелани од непосредна близина со автоматско оружје, а интернетот блокиран за да се прикрие обемот на ужасот. Затоа Франција, ја осудува репресијата на најсилен можен начин“, изјави Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.

„Бараме иранските власти да ги почитуваат основните права на граѓаните. Велика Британија ќе спроведе целосни санкции кои ќе ги опфатат клучните сектори како одговор на овие случувања“, изјави Ивет Купер, министерка за надворешни работи на Обединетото Кралство.

„Воведуваме повеќе санкции врз оние кои го користат насилството против мирните демонстранти за да покажеме дека ги осудуваме овие дејствија“, изјави Каја Калас, министерка за надворешна политика на ЕУ.

Она што пред две недели започна како економски бунт поради рекордниот пад на валутата, денес станува еден од најсмртоносните протести во поновата иранска историја.

Бојана Крстевски