Илјадници жртви во протестите во Иран, над 18 илјади уапсени
Илјадници жртви во протестите во Иран. Над 18 илјади луѓе се уапсени. Трамп ги поддржува демонстрантите, им ветува помош. Техеран обвини дека повикот на Трамп е кршење на Меѓународното право и поттикнување политичка дестабилизација...

Бројот на жртви во протестите во Иран се брои во илјадници, над 18 илјади луѓе се уапсени, се користи сила без преседан-соопштија активистите по делумното обновување на комуникациите во земјата. Официјална потврда за големиот број смртни случаи првпат објави и Државната иранска телевизија.
„Меѓу загинатите има луѓе од различни професии и општествени слоеви, вклучувајќи и припадници на обезбедувањето-убиени со огнено и ладно оружје“, објавија на државната ТВ во Иран.
Шефот на иранското правосудство вети забрзани судења и егзекуции со бесење на уапсените во бранот протести, кои властите ги окарактеризираа како „немири“.
„Ако некој запалил некого, обезглавил или го запалил, тогаш ние мора брзо да си ја завршиме работата“, изјави Голамхосеин Мохсени Еџеи, шеф на судството на Иран.
Трамп се закани со силен одговор во случај на егзекуции на притворените. Ги повика демонстрантите во Иран да продолжат со протестите, најавувајќи дека помошта е на пат.
„Ако ги обесат ќе преземеме многу силни мерки. Крајната цел е да се победи. Јас сакам да победувам“, изјаби Доналд Трамп, претседател на САД.
Техеран обвини дека повикот на Трамп е кршење на меѓународното право и поттикнување политичка дестабилизација, велат не сакаат војна со САД, но се подготвени за секое сценарио.
„Подготвени сме за се. Ако САД или Израел сакаат да пробаат воена конфронтација што ја пробаа еднаш и не успеаја, ние сме подготвени. Ако сакаат други опции, исто така сме подготвени. За која и да се одлучат, ние сме подготвени“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
ОН изразија загриженост поради воената реторика и повторно апелираа за дипломатско решение. Репресијата од властите во Иран е „неподнослива и нехумана“-реагира Франција. Велика Британија и ЕУ најавија нови санкции, додека Кина се спротивстави на мешањето во внатрешните работи на Иран.
„Демонстрантите беа застрелани од непосредна близина со автоматско оружје, а интернетот блокиран за да се прикрие обемот на ужасот. Затоа Франција, ја осудува репресијата на најсилен можен начин“, изјави Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.
„Бараме иранските власти да ги почитуваат основните права на граѓаните. Велика Британија ќе спроведе целосни санкции кои ќе ги опфатат клучните сектори како одговор на овие случувања“, изјави Ивет Купер, министерка за надворешни работи на Обединетото Кралство.
„Воведуваме повеќе санкции врз оние кои го користат насилството против мирните демонстранти за да покажеме дека ги осудуваме овие дејствија“, изјави Каја Калас, министерка за надворешна политика на ЕУ.
„Ја поддржуваме и се надеваме дека иранската влада и народот ќе ги надминат моменталните тешкотии да ја одржат националната стабилност. Во исто време, се спротивставуваме на мешањето на надворешни сили во внатрешните работи на земјата и заканата од употреба на сила. Се надеваме дека сите страни ќе сторат нешто што ќе придонесе за мир и стабилност на Блискиот Исток“, изјави Мао Нинг, портпаролка на кинеското Министерство за надворешни работи.
Она што пред две недели започна како економски бунт поради рекордниот пад на валутата, денес станува еден од најсмртоносните протести во поновата иранска историја.
Бојана Крстевски
