Економија

10-та еврообврзница со две транши по 500 милиони евра

14.01.2026 16:18

Каматните стапки меѓу најповолните, тајмингот внимателно одбран – министерката за финансии за издадената еврообврзница во две транши од по 500 милиони евра. Таа гледа доверба во економијата, опозицијата буџетска дупка.

Македонија се задолжи за една милијарда евра преку издавање на десеттата еврообврзница. Министерката за финансии вели дека постигнатите каматни услови се меѓу најповолните, што според неа ја потврдува позицијата на државата како стабилен и кредибилен издавач на меѓународните финансиски пазари. Димитриеска-Кочоска рече дека задолжувањето е реализирано преку две транши од по 500 милиони евра. Првата транша е со рок на доспевање од четири години и каматна стапка од 3,875 насто, додека втората е осумгодишна со камата од 4,75 насто.

Со обезбедените средства ќе се изврши исплата на претходната еврообврзница од 2020 година во износ од 700 милиони евра, а остатокот од парите ќе се искористи за финансирање на буџетскиот дефицит и за реализација на развојни проекти.

Финансии остануваат посветени со работењето на јавните финансии.

Од СДСМ сметаат дека издавањето на еврообврзницата е потврда за буџетската дупка и за зголемување на долгот.

„Наместо да ја признаат дупката во буџетот, тие новото задолжување го објавуваат како успех на министерството за финансии за пласирање на еврообврзниците и како триумф на економијата. Но, под оваа сјајна фасада се крие сурова реалност, ова задолжување е директен одговор на проблемите со финансиите и буџетскиот дефицит“, соопштија од СДСМ.

Министерката рече дека иако номиналниот износ на задолжувањето е една милијарда евра, нето-ефектот врз јавниот долг ќе биде понизок бидејќи во текот на 2026, Министерството треба да исплати обврски по основ на надворешен долг од околу 893 милиони евра. Во следниве пет години, државата треба да врати 8,8 милијарди евра за домашен и меѓународен долг.

 

Борис Грујоски