ССМ

Синдикатите на протест за поголем минималец

14.01.2026 17:14

Сојузот на синдикатите најави јануарски протести, не се исклучува ниту генерален штрајк. Се бараат повисоки плати. Работодавачите предупредуваат – има сектори во кои ова е неизводливо...

Мартовското усогласување на платите не е она што го бараме, децидни од Сојузот на синдикатите. Не се согласуваат пратениците да си ги зголемат примањата за 250 евра, а работниците, како што велат – да чекаат милостина од 1.500 денари. Затоа, деновиве ќе го утврдат датумот на најавениот работнички протест кој ќе се одржи месецов. Велат, во услови кога социјалниот дијалог е замрен, повисоки плати ќе се бараат со протести и штрајкови.

Од Организацијата на работодавачи им порачаа – правото на протест е легитимно, но според нивните пресметки, земјава има една од највисоки минимални плати во Европа ако се спореди со просечната и предупредија дека барањата на ссм може да донесат и затворање на фирми.

Владата останува на ставот – за ова прашање, треба да се договорат синдикатот и работодавачите, водиме конструктивен социјален дијалог.

„Во таа насока беа и одлуките за зголемување на платите во јавното здравството, образованието и безбедноста, министерството за внатрешни работи. Истите беа донесени како резултат на социјален дијалог и договорот којшто произлезе, беше постигнат од тесната соработка со синдикатите“, соопштија од Влада.

Синдикатот инсистира на минималец од 600 евра и по 100 евра зголемување на сите останати плати.

Анита Димитријевска – Велковска