Расте бројот на загинати во иранските протести
Иран и натаму се тресе, теократскиот режим грчевито се бори да остане на власт. Трамп ги повика демонстрантите да продолжат да протестираат и ги предупреди властите во Техеран да не се осудуваат да вршат егзекуции на лица, уапсени за време на немирите. Бројот на загинати драматично расте.

По делумното обновување на комуникациите во земјата, групите за човекови права алармираат дека повеќе од 2.400 антивладини демонстранти се убиени во протестите во Иран. Над 18 илјади луѓе се уапсени. Официјална потврда за смртните случаи објави и државната иранска телевизија. Шефот на иранското правосудство вети забрзани судења и егзекуции на уапсените.
„Ако некој запалил некого, обезглавил или го запалил, тогаш ние мора брзо да си ја завршиме работата“, изјави Голамхосеин Мохсени Еџеи - шеф на судството на Иран.
Трамп се закани со силен одговор во случај на егзекуции. Ги повика демонстрантите во Иран да продолжат со протестите, најавувајќи дека помошта е на пат.
„Ако ги обесат ќе преземеме многу силни мерки. Крајната цел е да се победи. Јас сакам да победувам“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Техеран обвини дека повикот на Трамп е кршење на меѓународното право и ги предупреди земјите од регионот на напади врз американските бази во случај на удар од страна на САД.
„Подготвени сме за се. Ако САД или Израел сакаат да пробаат воена конфронтација што ја пробаа еднаш и не успеаја, ние сме подготвени. Ако сакаат други опции, исто така сме подготвени“, изјави Абас Арагчи – министер за надворешни работи на Иран
ООН повторно апелираа за дипломатско решение. Осуда за акциите на Техеран пристигна од меѓународната заедница. Велика Британија и ЕУ најавија нови санкции, додека Кина се спротивстави на мешањето во внатрешните работи на Иран. Америка го распарчува светот, предупреди Русија.
„Воведуваме повеќе санкции врз оние кои го користат насилството против мирните демонстранти за да покажеме дека ги осудуваме овие дејствија“, изјави Каја Калас – министерка за надворешна политика на ЕУ.
Она што пред две недели почна како економски бунт поради рекордниот пад на валутата, денес станува еден од најсмртоносните протести во поновата иранска историја.
Маријана Димовска
